Трибина на тема „Скопје 2014“ и неговите импликации врз меѓуетничките односи
Здружението Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар, во соработка со весникот ЛАЈМ на 30.03.2017 организираше научна трибина на тема „Скопје 2014“ и неговите импликации врз меѓуетничките односи.
Трибината беше водена од тројца излагачи, Ким Мехмети (публицист и писател), Ќашиф Бакиу (политиколог) и Шакир Ислами (колумнист), додека модератор на целиот настан беше Џенис Сулимани (новинар од дневниот весник Лајм).
Проектот Скопје 2014 низ медиумската, академската и граѓанската призма главно беше анализиран и прикажан низ финансиските и архитектонско – естетските импликации врз главниот град и државата. Токму затоа, главниот акцент на говорот на излагачите и самиот фокус на дебатата ги одразуваа мултикултурниот и мултиетничкиот состав на населението на државата и ефектите на овој проект врз меѓуетничките односи кои сѐ уште се високо на евроатланската агенда. Воедно, низ дискусијата која се отвори беа доловени проблемите и предизвиците со кои се соочува граѓанскиот активизам.
Трибината е дел од проектот „Скопје во очите на своите неслушнати граѓани“ кој го реализира здружението Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ во партнерство со весникот ЛАЈМ, а е поддржан од Цивика Мобилитас, финансирана од страна на Швицарската агенција за развој и соработка СДЦ. Во рамките на проектот подготвени се и вкупно 10 истражувачки стории за дилемите и отворените прашања, ставот на граѓаните и граѓанските организации, како и анализа за влијанието на проектот Скопје 2014 и неговиот ефект врз меѓуетничките односи.
